Finelevate изразува задоволство што CaSys International се приклучува како Gold Sponsor на Finelevate програмата, со што компанијата станува дел од кругот на водечки партнери кои ја поддржуваат мисијата за забрзување на дигиталната трансформација на финансискиот сектор.
CaSys има значајна улога во платежната инфраструктура, со долгогодишно искуство во областа на електронските плаќања, картичните услуги, процесирањето трансакции, електронската трговија и поддршката на банки, финансиски институции и други организации. Нивното учество како Gold Sponsor претставува важен придонес кон програмските теми поврзани со иднината на плаќањата, дигиталната финансиска инфраструктура, безбедноста на трансакциите и развојот на современи финансиски услуги.
„Поддршката од CaSys има посебно значење за Finelevate, бидејќи станува збор за компанија која е длабоко поврзана со развојот на платежната инфраструктура и дигиталната економија во земјата. Нашата цел е преку Finelevate да создадеме простор за релевантна анализа, дискусија и соработка меѓу банките, платежните институции, технолошките компании, регулаторите и сите чинители кои ја обликуваат иднината на финансискиот сектор“, изјави Виктор Крстевски, основач и CEO на Finelevate.
Преку партнерството со CaSys, Finelevate ја зајакнува својата позиција како независна платформа насочена кон поврзување на пазарните лидери, институциите и технолошките партнери околу темите што ја дефинираат следната фаза на дигиталната трансформација во финансискиот сектор.