Finelevate го објави првото издание на Digital Compliance Radar, периодичен регулаторен извештај наменет за секторите за усогласеност, техничките и другите релевантни сектори во банки, осигурителни компании, финтек компании, финансиски институции, како и продуктни и сервисни компании кои испорачуваат дигитални решенија за финансискиот сектор.
Digital Compliance Radar – Издание #1 | Мај 2026 ги следи и структурира регулаторните промени кои можат да влијаат врз дизајнот, имплементацијата и идната употреба на дигитални решенија. Извештајот обезбедува јасен преглед низ три перспективи: Европската Унија, регионалните случувања и конкретните регулаторни промени во Северна Македонија.
Целта на извештајот е да им помогне на институциите и деловните субјекти да ги идентификуваат претстојните обврски, да го разберат нивното потенцијално деловно, регулаторно и технолошко влијание, и навремено да се подготват за промени поврзани со дигитален идентитет и доверливи услуги, заштита и безбедност на податоци, вештачка интелигенција, дигитални канали и поширока дигитална трансформација.
Во првото издание се опфатени повеќе регулаторни области, структурирани во следните категории: Закони на кои им истекол рокот за консултација, Известување за започнат процес на донесување на закони, Закони во Собраниска постапка, Закони и акти објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и Новости од ЕУ.
Во делот Закони на кои им истекол рокот за консултација, извештајот го опфаќа Предлог на закон за изменување и дополнување на законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица. Овој предлог е поврзан со усогласување со законодавството на Европската Унија, унапредување на размената на податоци, поврзување на едношалтерскиот систем со други државни регистри, зајакнување на заштитата на личните податоци и подобрување на ефикасноста и интегритетот на регистарскиот систем.
Во делот Известување за започнат процес на донесување на закони, опфатен е Предлог на Закон за заштита на физички лица во врска со обработката на лични податоци за цели на спречување, истрага, откривање или гонење на кривични дела или за извршување на кривични санкции. Според извештајот, очекуваниот почеток на консултации е јуни 2026 година.
Во делот Закони во Собраниска постапка, извештајот ги следи Предлог на закон за парничната постапка (*) и Предлог на закон за ратификација на изменувањето и дополнувањето на Договорот за изменување и пристапување кон Централноевропскиот договор за слободна трговија согласно Одлуката на Мешовитиот комитет на Централноевропскиот договор за слободна трговија бр. 2/2024 за олеснување на електронската трговија, донесена на 9 октомври 2024 година.
Првиот предлог се однесува на зголемување на ефикасноста на парничната постапка и дигитализација на судските процеси, употреба на електронски документи и воведување на електронска достава согласно eIDAS. Вториот предлог се однесува на унапредување на прекуграничната електронска трговија меѓу ЦЕФТА договорните страни, намалување на административните и регулаторните пречки за електронско тргување и поттикнување на дигиталната економија и електронското деловно работење во регионот.
Во делот Закони и акти објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“, извештајот ги опфаќа Одлука за примена на одлуката на мешовитиот комитет на Централноевропскиот Договор за слободна трговија бр.11/2025 за признавање на напредни електронски потписи и напредни електронски печати и Одлука за примена на одлуката на мешовитиот комитет на Централноевропскиот Договор за слободна трговија бр.12/2025 за признавање на квалификувани доверливи услуги.
Овие одлуки се значајни за меѓусебно признавање на напредни електронски потписи, напредни електронски печати и квалификувани доверливи услуги помеѓу државите членки на ЦЕФТА, со цел олеснување на прекуграничното електронско работење и размена на документи.
Во делот Новости од ЕУ, првото издание ги опфаќа AI Omnibus и Draft guidelines for the classification of high-risk artificial intelligence systems. Овие теми се релевантни за компании кои развиваат AI решенија, банки и финансиски институции, осигурителни компании, работодавачи кои користат AI за селекција на кандидати при вработување, образовни институции, здравствени установи и државни органи кои користат алгоритамско одлучување.
Извештајот е подготвен како информативен преглед врз основа на информации објавени од надлежни органи и институции. Податоците не го изразуваат ставот на Finelevate и не се замена за експертски консултации. Неговата цел е собирање, структурирање и дисеминација на информации и документи кои се веќе објавени на соодветен начин, а кои се поврзани со дигитални алатки, дигитална трансформација или регулирање на употреба на ИТ за специфични цели.
Finelevate ќе продолжи периодично да го објавува Digital Compliance Radar, со цел да обезбеди навремен и структуриран увид во регулаторните случувања кои се релевантни за дигиталната трансформација во финансискиот сектор.