Finelevate и Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ при УКИМ електронски потпишаа договор за соработка и одржаа работна средба со деканот проф. д-р Владимир Атанасовски за планирање на идните заеднички активности.
На средбата, основачот и директор на Finelevate, Виктор Крстевски, ја истакна важноста од поврзување на академската заедница, индустријата и финансискиот сектор, со цел развој на практични знаења, дигитални вештини и иновации.
Во рамки на соработката, Finelevate и ФЕИТ ќе работат на заеднички настани, експертски предавања, работилници, истражувачки активности, презентации и иницијативи за поврзување на студентите со реални индустриски предизвици.
Активностите ќе бидат насочени кон теми како дигитална трансформација, дигитален идентитет, доверливи услуги, податоци и интелигентни платформи, дигитални канали, сајбер-безбедност, вештачка интелигенција, автоматизација и примена на современи технологии во финансискиот сектор.
„Finelevate е создаден како платформа која треба да ја забрза дигиталната трансформација преку знаење, соработка и навремено препознавање на промените. Соработката со ФЕИТ има особено значење бидејќи го поврзува академското знаење со реалните потреби на индустријата и отвора простор студентите, професорите и компаниите да работат заедно на теми кои ќе ја обликуваат иднината,“ изјави Крстевски, основач и директор на Finelevate.
Со ова партнерство, Finelevate продолжува да ја гради својата годишна програма како платформа за дијалог, истражување и соработка меѓу академската заедница, финансискиот сектор, технолошките компании и институциите.