← Back to News

Партнерства

Finelevate и Macedonia2025 потпишаа Меморандум за соработка за поддршка на дигиталната трансформација, иновациите и развојот на македонската економија

24.06.2026

Finelevate и Macedonia2025 потпишаа Меморандум за соработка со цел да ја зајакнат поддршката за дигитална трансформација, иновации, развој на современи финансиски услуги и подобро поврзување на компаниите, институциите, експертите и меѓународните мрежи.

Меморандумот беше потпишан од страна на Виктор Крстевски, основач и извршен директор на Finelevate, и проф. д-р Никица Мојсоска-Блажевски, CEO на Macedonia2025.

Со оваа соработка, двете организации ја потврдуваат заедничката определба да придонесат кон развој на поиновативна, поконкурентна и дигитално подготвена економија, преку активности насочени кон финансискиот сектор, финтек екосистемот, малите и средни претпријатија, технолошките компании и пошироката деловна заедница.

Соработката ќе опфати размена на знаење, организација на заеднички иницијативи, поддршка на едукативни и стручни активности, промоција на иновации, поврзување со релевантни експерти и компании, како и креирање практични можности за развој на нови дигитални услуги и бизнис-модели.

Посебен фокус ќе биде ставен на теми од стратешко значење за идниот развој на пазарот, како што се дигитална трансформација во финансискиот сектор, финтек решенија, дигитален идентитет и доверливи услуги, вештачка интелигенција, податоци, сајбер-безбедност, е-услуги, дигитални канали и модерни кориснички искуства.

Во рамки на средбата беше отворена и поширока дискусија за дел од системските предизвици со кои се соочува македонската економија, особено во делот на соработката помеѓу компаниите, заедничкиот развој на нови услуги и ограничените капацитети за инвестирање во иновации.

Беше истакнато дека малите пазари, како македонскиот, не можат да се развиваат само преку изолирани иницијативи и индивидуални напори на поединечни компании. За побрз развој на современи дигитални услуги, финансиски технологии и иновативни бизнис-модели, потребни се повеќе доверба, партнерства, споделување на знаење и заеднички пристап кон пазарните можности.

Посебно внимание беше посветено и на предизвиците со кои се соочуваат странските инвеститори и компании при влез на македонскиот пазар, вклучувајќи ги процедурите за отворање банкарски сметки, управување со финансиските процеси, административните бариери и потребата од поедноставни, подигитални и поефикасни решенија.

Дополнително, беше разговарано и за културолошките предизвици во деловната соработка, каде што често недостасува долгорочен пристап заснован на доверба и „win-win“ логика. Наместо градење партнерства во кои сите страни добиваат вредност, дел од пазарната динамика сè уште се движи кон краткорочни „win-lose“ пристапи, а во одредени ситуации и кон исходи во кои на крајот губат сите страни.

Токму затоа, Finelevate и Macedonia2025 ја гледаат оваа соработка како можност за промовирање на поинаков пристап — пристап заснован на партнерство, заеднички развој, отворен дијалог, практична поддршка на компаниите и создавање услови за поиновативна, поконкурентна и поотворена економија.

„Македонија има знаење, талент и компании со потенцијал, но како мал пазар мораме многу повеќе да градиме преку соработка, доверба и заеднички развој на услуги. Не можеме секогаш да очекуваме секоја компанија сама да ги носи сите инвестиции, ризици и иновации. Потребни ни се повеќе win-win партнерства, повеќе практична поддршка за инвеститорите и компании кои сакаат да создаваат вредност, како и поголема подготвеност за заедничко градење решенија кои ќе бидат конкурентни и надвор од нашиот пазар,“ изјави Виктор Крстевски, основач и извршен директор на Finelevate.

„Macedonia2025 континуирано работи на поврзување на знаењето, лидерството, дијаспората и деловната заедница во насока на економски развој и поголема конкурентност. Соработката со Finelevate отвора простор за заеднички активности во области кои се суштински за иднината на компаниите и економијата — дигитализација, иновации, финансиски технологии и развој на современи вештини,“ изјави проф. д-р Никица Мојсоска-Блажевски, CEO на Macedonia2025.

Меморандумот создава основа за идни заеднички активности, настани, експертски дискусии, истражувања, програми за знаење и иницијативи кои ќе придонесат кон забрзување на дигиталната трансформација и зајакнување на конкурентноста на македонските компании.

Преку ова партнерство, Finelevate и Macedonia2025 ја потврдуваат својата заложба за создавање вредност преку соработка, знаење и практични иницијативи кои го поддржуваат развојот на модерна, иновативна и дигитално ориентирана економија.

The Future Is Not Waiting. Build Before It Becomes Obvious.