Finelevate360 и Macedonia2025 потпишаа меморандум за соработка
Finelevate360 и Macedonia2025 потпишаа меморандум за соработка. Целта е посилна поддршка за дигиталната трансформација, иновациите и модерните финансиски услуги, како и подобро поврзување на компаниите, институциите, експертите и меѓународните мрежи.

Меморандумот го потпишаа Виктор Крстевски, основач и извршен директор на Finelevate360, и проф. д-р Никица Мојсоска-Блажевски, извршна директорка на Macedonia2025.
Преку оваа соработка двете организации се обврзуваат да градат поиновативна, поконкурентна и дигитално подготвена економија. Активностите ќе бидат насочени кон финансискиот сектор, финтекот, малите и средните претпријатија, технолошките компании и пошироката деловна заедница.
Соработката ќе опфати размена на знаење, заеднички иницијативи, поддршка на едукативни и професионални активности и промоција на иновациите. Учесниците ќе бидат поврзувани со релевантни експерти и компании, а ќе се создаваат и практични можности за развој на нови дигитални услуги и деловни модели.
Двете организации ќе се фокусираат на теми од стратешко значење за иднината на пазарот: дигитална трансформација во финансискиот сектор, финтек, дигитален идентитет и услуги од доверба, вештачка интелигенција, податоци, сајбер безбедност, е-услуги, дигитални канали и модерно корисничко искуство.
Предизвиците на еден мал пазар
Средбата отвори и пошироки дискусии за системските предизвици со кои се соочува македонската економија. Тие најмногу се однесуваат на соработката меѓу компаниите, заедничкиот развој на нови услуги и ограничениот капацитет за инвестирање во иновации.
Во дискусијата беше нагласено дека малите пазари, како македонскиот, не можат да се развиваат само преку изолирани иницијативи и поединечни напори на одделни компании. За побрз развој на модерни дигитални услуги, финансиски технологии и нови деловни модели се потребни повеќе доверба, партнерства, споделување знаење и заеднички пристап кон можностите на пазарот.
Беше збор и за предизвиците со кои се соочуваат странските инвеститори и компании кога влегуваат на македонскиот пазар: процедурите за отворање банкарски сметки, управувањето со финансиските процеси и административните бариери. Потребни се поедноставни, подигитални и поефикасни решенија.
Дискусијата ги допре и културните предизвици во деловната соработка. Често недостига долгорочен пристап заснован на доверба и на логиката „win-win“. Наместо партнерства во кои сите страни создаваат вредност, дел од пазарот сè уште се движи кон краткорочни „win-lose“ пристапи. Во некои ситуации дури и кон исходи во кои на крајот губат сите.
Затоа Finelevate360 и Macedonia2025 ја гледаат оваа соработка како можност да промовираат поинаков пристап, заснован на партнерство, заеднички развој, отворен дијалог и практична поддршка за компаниите. Целта е да се создадат услови за поиновативна, поконкурентна и поотворена економија.
Во нивни зборови
„Северна Македонија има знаење, таленти и компании со потенцијал, но како мал пазар мораме многу повеќе да градиме преку соработка, доверба и заеднички развој на услуги. Не можеме секогаш да очекуваме секоја компанија сама да ги носи сите инвестиции, ризици и иновации. Ни требаат повеќе win-win партнерства, повеќе практична поддршка за инвеститорите и компаниите што сакаат да создаваат вредност и поголема подготвеност заеднички да градиме решенија што ќе бидат конкурентни и надвор од нашиот пазар“, изјави Виктор Крстевски, основач и извршен директор на Finelevate360.
„Macedonia2025 постојано работи на поврзување на знаењето, лидерството, дијаспората и деловната заедница во насока на економски развој и поголема конкурентност. Соработката со Finelevate отвора простор за заеднички активности во области што се клучни за иднината на компаниите и на економијата: дигитализација, иновации, финансиски технологии и развој на модерни вештини“, изјави проф. д-р Никица Мојсоска-Блажевски, извршна директорка на Macedonia2025.
Меморандумот ги поставува темелите за идни заеднички активности, настани, експертски дискусии, истражувања, програми за знаење и иницијативи. Заедно, двете организации сакаат да ја забрзаат дигиталната трансформација и да ја зголемат конкурентноста на македонските компании.
Преку ова партнерство Finelevate360 и Macedonia2025 се обврзуваат да создаваат вредност преку соработка, знаење и практични иницијативи. Нивна заедничка цел е модерна, иновативна и дигитално ориентирана економија.


